Подготовка на методологија за доделување на средства на граѓанските организации во општина Штип

19.02.2018

Општина Штип е една од 16-те општини кои се дел од процесот на подготовка на методологии за доделување на средства до граѓанските организации од општинскиот буџет, преку проектот „Силни граѓански организации за позитивни социјални промени“.

Во интерес на зголемување на транспарентноста и овозможување еднакви шанси на граѓанскиот сектор за користење на средства од општинскиот буџет, претставници од општината, граѓанските организации и локалните медиуми заеднички работеа на изготвување на транспарентна постапка за доделување на средства на граѓанските организации од општинскиот буџет.

Во текот на работилниците, учесниците работеа на начинот на распишување и објавување на јавен повик со детално разработени услови за учество. Развојот на целосната методологија се прилагоди на локалниот контекст на општина Штип и опфати развивање на конкретна постапка за аплицирање, оценување на пристигнатите барања, бодување и начин на одлучување. Притоа, во насока на зголемена сигурност и за општината, но и за граѓанските организации се разработија и конкретни формулари за аплицирање и известување од страна на граѓанските организации.

Подготвената методологија беше предложена на дневен ред пред Советот на општина Штип, по чие усвојување стана и формален акт на општината, според кој во иднина ќе се одвива процесот на доделување на средства до граѓанските организации од општинскиот буџет.

Проектот „Силни граѓански организации за позитивни социјални промени“ е спроведуван од Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип, во партнерство со Институтот за развој на заедницата – Тетово и Центар за одржлив развој „АЛКА“ – Скопје, а финансиски поддржан од Европската Унија.

Last modified: 23.02.2018