Подготвена методологија за доделување на средства на граѓанските организации во општина Босилово

05.03.2018

Општина Босилово со цел подобрување на транспарентноста и отчетноста при трошењето на општинскиот буџет учествуваше во креирање на отворени и транспарентни постапки за доделување на средства на граѓанските организации од општинскиот буџет, преку проектот „Силни граѓански организации за позитивни социјални промени“.

Членови на Советот на општина Босилово, претставници од општинската администрација и граѓански организации заеднички учествуваа на работилници за развивање на методологија за доделување на средства до граѓанските организации, со цел да им овозможат еднаков пристап на сите граѓански организации до средства од општинскиот буџет.

На работилниците, учесниците работеа на начинот на распишување и објавување на јавен повик со детално разработени услови за учество. Развојот на целосната методологија опфати и развивање на конкретна постапка за аплицирање, оценување на пристигнатите барања, бодување и начин на одлучување. Притоа, во насока на зголемена сигурност и за општината, но и за граѓанските организации се разработија и конкретни формулари за аплицирање и известување од страна на граѓанските организации.

Вака изработената методологија ќе биде предложена на усвојување пред Советот на општината, како би станала формален акт на општина Босилово, по којшто во иднина ќе се доделуваат средствата до граѓанските организации од општинскиот буџет.

Проектот „Силни граѓански организации за позитивни социјални промени“ е спроведуван од Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип, во партнерство со Институтот за развој на заедницата – Тетово и Центар за одржлив развој „АЛКА“ – Скопје, а финансиски поддржан од Европската Унија.

Last modified: 21.03.2018