Подготовена методологија за доделување на средства на граѓанските организации во општина Радовиш

28.02.2018

Општина Радовиш е уште една од 16-те општини кои се дел од процесот на подготовка на методологии за доделување на средства до граѓанските организации од општинскиот буџет, преку проектот „Силни граѓански организации за позитивни социјални промени“.

Членови на Советот на општина Радовиш, претставници од општинската администрација и граѓански организации заеднички учествуваа на работилници за развивање на методологија за доделување на средства до граѓанските организации, со цел зголемување на транспарентноста и овозможување еднаков пристап на сите граѓански организации до средства од општинскиот буџет.

Во текот на работилниците, учесниците работеа на начинот на распишување и објавување на јавен повик со детално разработени услови за учество. Развојот на целосната методологија се прилагоди на локалниот контекст на општина Радовиш и опфати развивање на конкретна постапка за аплицирање, оценување на пристигнатите барања, бодување и начин на одлучување. Притоа, во насока на зголемена сигурност и за општината, но и за граѓанските организации се разработија и конкретни формулари за аплицирање и известување од страна на граѓанските организации.

Вака изработената методологија ќе биде предложена на усвојување на седница на Советот на општината, како би станала формален акт на општина Радовиш, по којшто во иднина ќе се доделуваат средствата до граѓанските организации од општинскиот буџет.

Проектот „Силни граѓански организации за позитивни социјални промени“ е спроведуван од Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип, во партнерство со Институтот за развој на заедницата – Тетово и Центар за одржлив развој „АЛКА“ – Скопје, а финансиски поддржан од Европската Унија.

Last modified: 20.03.2018