ЕДНАКВО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА СИТЕ!

Иницијативата за инклузивно образование во ОУ „Кирил и Методиј“ – Македонска Каменица, започна како одговор на измените и дополнувањата на Законот за основно образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/19 и 229/20), кои ја нагласуваат важноста на инклузивниот пристап во образованието. Според член 11 од Законот, инклузивното образование подразбира прилагодување на наставната содржина и стратегии за поддршка на учениците со попреченост, со цел да им се обезбедат еднакви можности за развој и пристап до квалитетно образование.

За да им се помогне на овие ученици, потребно беше да се создадат услови кои ќе ги поддржат нивните индивидуални потреби. Ова вклучува адаптација на физичките простори во училиштето, создавање на специјални сензорни соби каде што децата можат да се изолираат во ситуации на вознемиреност, како и да учествуваат во дополнителни активности за развој на моториката и психофизичкиот напредок. Обезбедивме неопходни услови за непречено одвивување на воспитно-образовниот процес, со акцент на создавање поддржувачка и инклузивна средина за сите ученици. Ова не само што ќе им помогне на децата со посебни потреби да се интегрираат во редовната наставна програма, туку и ќе создаде култура на прифаќање и разбирање помеѓу сите ученици, родителите и наставниците.