Подготвена методологија за доделување на средства на граѓанските организации во општина Крушево

09.03.2018

Општина Крушево е уште една општина која активно учествуваше во подготовка на отворени и транспарентни постапки за доделување на средства на граѓанските организации од општинскиот буџет, преку проектот „Силни граѓански организации за позитивни социјални промени“.

Членови на Советот на општина Крушево, претставници од општинската администрација и граѓански организации заеднички учествуваа на работилници за развивање на методологија за доделување на средства до граѓанските организации, со единствена цел да се подобри транспарентноста и отчетноста при трошењето на општинскиот буџет и да им овозможат еднаков пристап на сите граѓански организации во општина Крушево.

На работилниците, учесниците работеа на начинот на распишување и објавување на јавен повик со детално разработени услови за учество. Развојот на целосната методологија опфати и развивање на конкретна постапка за аплицирање, оценување на пристигнатите барања, бодување и начин на одлучување. Притоа, во насока на зголемена сигурност и за општината, но и за граѓанските организации се разработија и конкретни формулари за аплицирање и известување од страна на граѓанските организации. Дополнително, беше разработен и посебен формулар за аплицирање за спортските клубови и здруженија, прилагоден соодветно на контекстот во којшто тие дејствуваат.

Вака изработената методологија ќе биде предложена на усвојување пред Советот на општината, како би станала формален акт на општина Крушево, по којшто во иднина ќе се доделуваат средствата до граѓанските организации од општинскиот буџет.

Проектот „Силни граѓански организации за позитивни социјални промени“ е спроведуван од Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип, во партнерство со Институтот за развој на заедницата – Тетово и Центар за одржлив развој „АЛКА“ – Скопје, а финансиски поддржан од Европската Унија.

Last modified: 22.03.2018