Завршна конференција – Зајакнување на партиципативната демократија

14.07.2017

На 13.07.2017 година во х.Елит Плаза во Скопје се одржа Завршната конференција од проектот „Зајакнување на партиципативната демократија“.

На конференцијата беа презентирани резултатите од проектот, како и подготвените препораки за подобрување на граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално ниво. Невенка Лонгурова Гирова, извршен директор на Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип и менаџер на проектот истакна дека од проектот се произлезени конкретни препораки и предлог – решенија за подобрување на постоечките механизми за граѓанско учество на локално ниво кои ќе бидат доставени до сите општини во Р.Македонија.

Во рамки на конференцијата свое излагање имаше и г-ѓа Гонце Јаковлевска, извршен директот на МЦМС и национален координатор на Цивика Мобилитас, која посвети внимание на улогата на граѓанското општество во унапредување на учеството на граѓаните во креирањето на јавните политики.
„Неопходно е сите актери во општествените процеси да дадат свој придонес за подобрување на учеството на граѓаните во креирањето на јавните политики. Во моментот имаме недоволно граѓанско учество. […] Од друга страна, извештаите кои ги имаме покажуваат дека постои затвореност на институциите, заради што е неопходно да се врши постојан притисок на институциите. Граѓанските организации располагаат со експертиза којашто не е искористена од страна на институциите. Потребно е да работиме за да се променат ваквите состојби.“ – истакна г-ѓа Гонце Јаковлевска во своето излагање.

Исто така, свое излагање за улогата на месните и урбаните заедници во поттикнувањето на граѓанското учество на локално ниво имаше и г-дин Слаѓан Пенев, извршен директор на Центарот за стратешки истражувања и документација ФОРУМ – Скопје.
„Месните и урбаните заедници повеќе немаат свои надлежности и го изгубија правниот статус којшто го имаа. Вака, тие не можат да функционираат, поради што е потребно враќање на надлежностите на месните и урбаните заедници. […] Непходно е да се размислува за прилагодени модели за заживување на месните и урбаните заедници, на пример, преку формирање на т.н. Совет на месни и урбани заедници. […] Повеќе од очигледна е потребата за ревизија на постоечкиот Закон за локална самоуправа“ – истакна г-динот Слаѓан Пенев.

Во рамки на Завршната конференција беше презентиран и документот за јавна политика, со заклучоци и препораки за подобрување на граѓанското учество во донесувањето одлуки на локално ниво.
Проектот „Зајакнување на партиципативната демократија“ е финансиран од Европската Унија.

Last modified: 27.07.2017