Започнува бран на мерења на отвореноста на општините

25.05.2020

Во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество (Civic Engagement Project), почнувајќи од утре (26.05.2020) започнува нов бран на мерења на отвореноста на 17 институции на локалната самоуправа во Република Северна Македонија.

Фондацијата Метаморфозис, во партнерство со Квантум Прима Кавадарци, ЦИД Куманово, Здружение Мултикултура Тетово, ФРЛЗ Штип, Блинк 42-21 Скопје, ЛДА Струга, АГТИС Прилеп, и Скај Плус Струмица, ќе спроведе мониторингот на општини распределени низ секој статистички регион во нашата земја.

Индексот на отвореност е композитен показател, којшто го определува степенот на отвореност на институциите кон граѓаните и општеството и е создаден со цел да дефинира до кој степен граѓаните добиваат погодни и разбирливи информации од институциите.

За да се измери степенот на институционалната отвореност, следејќи ги меѓународните стандарди, препораки, како и примери на добри практики, со Индексот на отвореност се ќе мониторираат институциите според посебни квантитативни и квалитативни показатели, како на пример: пристап до информации на официјалните веб страници на институциите, квалитетот на правната рамка за одделни прашања, други извори на информирање на јавноста, објавени податоци за работењето на институцијата, јавните набавки, информации за трошењето на јавни пари, итн.

По завршувањето на мерењето на отвореноста на општините, а врз основа на анализираните податоци, Фондацијата Метаморфозис ќе изработи документ за јавни политики, и ќе организира кампања за застапување со цел да се помогне на таргетираните општините во покревање на нивната отвореност кон граѓаните.

Проектот Civic Engagement Project го спроведува Ист Вест Менаџмент Институт (East West Management Institute– EWMI) во партнерство со четири локални граѓански организации: Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“, Асоцијација за демократски иницијативи (ADI), Фондација отворено општество-Македонија (ФООМ), и Национален младински совет на Македонија (НМСМ).

Last modified: 25.05.2020