Сабота, 24.12.2011, улицата „Ванчо Прќе” блесна со нов шарм, доби изглед на голема театарска сцена. Петнаесетина млади активисти, членови на арт-клубот основан со проектот „Младинска независност” поставија маски околу дрворедот долж улицата, а меѓу нив пораките наменати за младите, во кои стоеја пароли и повик до сите млади да бидат независни, да бидат проактивни, да ги отстранат маските под кои морат да се кријат за да бидат прифатени од средината и да се изборат со апатијата и инфериорнаста на општеството кон младите.
Настанот претставува комбинација од мини флеш моб и инсталација под мотото “Биди ти, тргни ги сите маски”. Започна со поставувањето на маските, во 10 часот- време кога улицата е најраздвижена, и продолжи со поставувањето на пораките меѓу маските, со пантонима која асоцира на отргнување од маската и покажување на „вистинското јас”. На крајот, по поставувањето и на последната маска, ја избришаа маската од лицето и без израз, се изгубија во толпата, секој на различна страна.
Целта на настанот е на креативен начин да се охрабрат младите да се оттргнат од своите идоли, да бидат оригинални, да се почитуваат себеси и да ги почитуваат разликите, да не ги премолчуваат своите потреби и да се активираат за унапредување на својата позиција во општеството.
Настанот привлече внимание меѓу случајните минувачи кои се чудеа на креатиноста на младите, меѓу другите млади кои ги прочитаа пораките, меѓу медиумите кои го проследија настанот преку нивниот објектив, обичните граѓани кои на моменти беа во дилема дали е новогодишно украсување на улицата или некој патувачки циркус приредува забава да им го разубави денот…
Last modified: 06.04.2017