Регионален дебатен турнир во Штип
На 16 и 17 март во просториите на СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип се одржа регионалниот дебатен турнир каде учество зедоа повеќе од 30 дебатери, како дел од натпреварите за Националното дебатно првенство 2013.
Дебатерите од Кратово, Делчево, Гевгелија и Штип дебатираа на темата „Употребата на илегални дигитални алатки за постигнување на политички цели треба да се декриминализира”, тема којашто изминатиов период освен на меѓународната сцена, станува актуелна и кај нас. Низ повеќе дебати два дена дебатерите ги спротиставуваа своите аргументи за (не)оправданоста на употребата на различни (не)легални механизми за постигнување на цели и вредности неопходни за развој на демократијата. Главните аргументи се базираа на правото на приватност и важноста на сувереноста и националната безбедност на државата наспроти слободата на изразување, транспарентноста и инклузивноста на народот во процесот на одлучување.
Во финалната дебата се натпреваруваа два тима од Штип каде по исцрпната дебата за победници на турнирот беа прогласени Христијан Тасевски, Никола Крстев и Михаило Донев.
Второто место и припадна на Јована Георгиева, Стефан Ѓоргиев и Ева Георгиева.
Најдобрите 4 тима од турнирот ќе учествуваат на Националното дебатно првенство каде што ќе се избираат најдобрите говорници кои ќе не преставуваат на Светското дебатно првенство 2013.
Регионалниот турнир беше подржан од СОУ „Коле Нехтенин” и Фондација за развој на локалната заедница – Штип, а се овозможени од Фондација Отворено општество Македонија и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието.
Last modified: 06.04.2017