Повик за учество на обуки

01.03.2018

 

 

 

Здружението Форум – Центар за стратешки истражувања и документација од Скопје ги повикува сите заинтересирани лица од Источниот плански регион на Република Македонија да се пријават за учество на обука во рамки на проектот „Активни граѓани за добро владеење“. Форум ЦСИД го спроведува овој проект во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Активностите во Источниот регион ги спроведуваме во соработка со здружението Фондација за развој на локалната заедница од Штип.

Главна цел на обуката е граѓаните да се информираат и поттикнат да влијаат на процесот на донесување одлуки на локално ниво. Други важни теми кои ќе бидат третирани на обуката се: соработката меѓу локалната администрација и граѓаните; стекнување вештини за мониторинг и евалуација на јавните услуги; соодветна едукација за спроведување на акции и иницијативи; мониторирање на буџетите на општините; транспарентност и отчетност на локалната самоуправа; структура на општеството и улогата на граѓанскиот сектор; добро владеење; човекови права; вмрежување на групи со заеднички интереси и други.

На овој повик можат да се пријават сите заинтерeсирани членови на граѓански организации од Источниот регион, претставници на локалните самоуправи во Источниот регион, претставници на младински здруженија, маргинализирани групи, образовни институции, медиуми, и други засегнати заедници од Источниот регион кои покажуваат интерес за проширување на своето знаење.

Избраните кандидати ќе имаат можност да бидат вклучени во идните активности на проектот „Активни граѓани за добро владеење“.

Обуката ќе се одржи од 23 -25 март во Велес, Хотел Романтик.

Кандидатите е потребно да испратат кратка биографија и писмо за мотивација на македонски јазик, на адреса на координаторката на проектот Цветанка Михајловска: mihajlovska@forum-csrd.org.mk најдоцна до 12 март 2018 година.

Услови за пријавување:

·         Кандидатот да е од Источниот плански регион;

·         Да е на возраст од 18-40 години;

Бидејќи бројот на учесници на обуката е ограничен на 25 лица, ќе се направи селекција на кандидатите кои ќе учествуваат на обуката. При селекцијата на кандидатите посебно внимание ќе се посвети на родовиот баланс и на вклучување на претставници на малцинствата и маргинализираните заедници.

Обуките ќе се одржуваат на македонски јазик, а презентери на обуката ќе бидат истакнати обучувачи.

Трошоците за учесниците на обуката ќе бидат во целост покриени од ФОРУМ ЦСИД.

Ќе бидат контактирани само потенцијалните учесници на обуката.

Last modified: 01.03.2018