Чадор организација која ќе ги застапува интересите на младите – Национален младински совет
Новоформираниот Национален младински совет на Македонија, основан од страна на 55 младински организации, организации за млади, сојузи и подмладоци на политички партии, најави интензивна комуникација со институциите кои имаат надлежност за младинските прашања, но и борба за повеќе права за сите млади.
Претседателката на Националниот младински совет, Ивана Давидовска на денешната прес-конференција рече дека неговата мисија е да ги претставува интересите и потребите на младите луѓе и да обезбеди вклучување и активно учество на младите во процесот на донесување одлуки на секое ниво.
„НМС ќе претставува еден простор каде младинските организации ќе можат да дебатираат за многу прашања и заеднички да истапат со став пред институциите и да побараат поголемо учество и повеќе права за младите во различните сектори”, вели Давидовска.
Петар Матјашиќ, претседател на Европскиот младински форум, организација која го поддржа процесот на создавање на советот истакна дека е задоволен што Националниот младински совет во Македонија е навистина воден од младите.
„ НМС дојде како неопходност од страна на младите и младинските организации кога сегашната Влада предложи закон за млади без да ги консултира младите. Ова беше моментот кој предизвика коалиција меѓу младинските организации кои навистина веруваат во дискусија и директно вклучување на младите и ова е многу слично на нашите вредности. Ние не кажуваме ништо за нас, без нас”, вели Матјашиќ.
Според него, организациите кои го основале советот докажале дека младите во Македонија можат да работат заедно и да бидат конструктивни, како и да се согласат дека не се согласуваат за одредени работи, а сепак да најдат заеднички јазик за да продолжат понатаму и да бидат претставници на гласот на младите.
„Ова е клучно за нас и тие имаат иднина во нашата фамилија на Европскиот младински форум и ние ги гледаме како идни членки”, додаде Матјашиќ.
НМС според Статутот ќе биде управуван од Генерално собрание, Управен одбор, Надзорен одбор и извршно тело – Секретаријат. Делегатите на Основачкото собрание ги избра Ивана Давидовска од ЦИД за претседател, Дона Костуранова од МОФ за потпретседател, а членови на управниот одбор се Иван Јованов од „Младите можат”, Горан Георгиев од Сојузот на извидници на Македонија и Антонио Јовановски од „Гоу грин”.
Од НМС најавуваат дека оваа организација ќе биде гласен претставник на младинските интереси, чија крајна цел ќе биде подобрување на положбата на младите во земјата. Меѓу организациите основачи на Националниот младински совет е и ФРЛЗ Штип.
Last modified: 06.04.2017