Конкурс за доделување на грантови
Младинската банка при Фондацијата за развој на локалната заедница Штип ќе додели грантови за поддршка на проекти креирани и наменети за млади.
Ќе бидат поддржани краткорочни проекти со целна група – млади, со кои можат да се постигнат конкретни видливи резултати и ефекти во средината од областа на културата и уметноста, спортот и рекреацијата, образованието и науката, екологијата. Предност ќе имаат проектите кои промовираат волонтерска работа и кои создаваат дополнителни средства за зголемување на оддржливоста на проектите. Се очекува проектите да бидат реализирани во периодот од јануари до мај 2013 година.
Право на учество имаат неформални групи на млади од Штип на возраст од 16 до 22 години (најмалку 3 лица застапувани од ментор). На конкурсот не може да се пријавуваат јавни институции и политички партии.
Максималниот износ на грант по неформална група изнесува 15 000 денари. Нема да бидат поддржани оперативни трошоци (администрација, режиски трошоци) ниту пак комерцијални активности.
Се охрабруваат сите заинтересирани без оглед на полот, националната и верската припадност да земаат учество во конкурсот.
Пријавувањето се врши со пополнување на Образец за доделување на грантови. Образецот може да се добие во Фондацијата за развој на локалната заедница или да се превземе од овде. Пополнетиот образец треба да се достави во фондацијата или по електронски пат, на info@frlz.org.mk. Kонсултации и дополнителни информации за конкурсот можат да се добијат во Фондацијата за развој на локалната заедница од 10.00 до 16.00 часот секој работен ден или преку е-мејл (info@frlz.org.mk).
Краен рок за поднесување на пријавите од конкурсот е до 30.11.2012 (петок). Одлуката за поддршка на најуспешните проекти ќе ја донесе Координативниот совет на Младинската банка во текот на декември.
Last modified: 06.04.2017