Денови на младинско вмрежување

29.10.2012

Младите дискутираат за национална чадор-организација

Викендов, 40 младински организации од целата територија на Република Македонија дискутираа за дефинирање на модел на национално младинско организирање. Настанот насловен „Денови на младинско вмрежување во Македонија” се одржа во хотел „Истатов” во Дојран, во организација на Европски младински форум и неформалната коалиција Република Млади.

Денови на младинско вмрежување е иницијален настан на кој претставници на заинтересираните и активни младински организации се собраа за да отпочнат процес на формирање на свое највисоко претставничко тело – Национална младинска организација. Затоа, младите ќе дискутираат и решаваат за неговата структура, начин на формирање и работа, како и улогата и надлежностите кои ова тело треба да ги има во општествениот контекст со цел зајакнување на позицијата на младите. Се очекува ова младинско вмрежување да ги охрабри младите и да ги зајакне нивните капацитети за демократска вклученост и демократско одлучување.

Иницијативата има за цел да ја обезбеди поддршката од државата за овој процес и се надева на позитивна реакција од страна на институциите и понатамошна поддршка на процесот. Процесот ќе продолжи и по завршувањето на настанот и останува отворен за приклучување на сите заинтересирани младински организации, без разлика на нивната форма, структура, етничка, верска и социјална позадина.

Деновите на младинско вмрежување се организираа како реакција на недостигот од национална мрежа на младински организации во изминативе 20 години и генералната исклученост на младите од процесите на одлучување.

Настанот е поддржан од Европскиот младински форум и од Проектот на УСАИД за граѓанско општество.

 

Last modified: 06.04.2017