Одржана регионална дебата од Законот за управување со дополнителни текови на отпад

23.11.2022

Минатата недела, 17ти ноември, организиравме регионална дебата за предизвиците од Законот за управување на дополнителни текови на отпад, со посебен осврт на текстилот. На дебата беа повикани и присуствуваа претставници од ЛС, од текстилни компании, трговци со текстил, здруженија кои работат  на прашањата со отпадот и голем број на граѓани.

Модератор на целиот настан беше извршната директорка на ФРЛЗ, Невенка Лонгурова Гирова, која што истакна дека очекувањата од овој закон се големи, посебно во придонес за намалување на текстилниот отпад, бидејќи истиот моментално се депонира, а крајна цел на законот е истиот да се рециклира.

-“Нашата фондација веќе подолг период се занимава со решавање на проблемот со текстилниот  отпад и користење на истиот како ресурс за производство на нови производи со додадена вредност, затоа посебно внимание посветуваме на промоцијата на ЗУДТО, кој ќе се имплеметира од 1 јануари 2023 година“.

Во панел дискусијата свое излагање имаше Адријана Лавчиска, постара програмска координаторка во ФООМ, која ја истакна целта на програмата Зелен скок, партнерства за климатски промени и значењето на подршка на вакви иницијативи од граѓанските организации.

-“Фоом работи на прашањето на заштита на животната средина, бидејќи тоа е еден глобален тренд, тема која што станува Сѐ погорчлива и сметаме дека со нашата подршка можеме да помогнеме нашето општество да се справи со сите предизвици кои ги донесуваат климатските промени, па токму поради тоа подржуваме ГО, кои што се залагаат за промена на политиките (колку се добри, колку се усогласени со ЕУ и колку се имплементираат).

-“Ги поддржавме ФРЛЗ во работата за намалување на текстилниот отпад и бевме среќни со резултатите што тие ги постигнаа, како тој експеримент – креативен начин на справување со отпадот, покажа дека нешто може да се работи и сработи и дојдоа до идеја дека новиот Закон треба јавно да се промовира, со цел засегнатите страни да бидат на време информирани за своите обврски, за правилно да го имплементираат Законот од 1 јануари 2023 година“.

Исто така, истакна дека од клучно значење е заедничко и подеднакво вклучување на сите нас во климатските промени, во решавањето на сите прашања, за да добиеме некаков ефект, што е клучно за праведна транзиција кон зелена економија.

Програмскиот директор на ФРЛЗ, Борис Шарковски, го елаборираше законското решение и се задржа на законските одредби кои се однесуваат на обврските на производителите на текстил, трговците со текстил и граѓаните.

-“Ова е добар закон напишан на хартија, според мене преоптимистички, бидејќи националните цели се високи, ќе видиме од средината на следната година дали е тоа добро или лошо. Целта на овој закон е да се намали негативното влијание на отпадните материјали и да се унапредат стандардите за заштита на животната средина. Да бидеме сите одговорни и сами да си ја поставиме културата на однесување, токму поради тоа работевме со деца од второ одделение и нормално продолжуваме да го гледаме текстилниот отпад како ресурс за нови производи со додадена вредност.

Државниот инспектор за животна средина Благој Игноски, го произнесе своето долгогодишно искуство со текстилниот отпад, како потенцијален загадувач на животната средина и истакна дека инспекторатот е спремен за почеток на имплементација на ЗУДТО, но притоа советува дека е најважно да се започне со контрола врз организација на собирните центри, бидејќи без нив нема да профункционира законот.

Борче Везенков, комунален инспектор во Општина Штип, во своето обраќање, истакна дека 80% од комерцијалниот отпад припаѓа на текстилниот отпад и завршува во градската депонија, бидејќи немаат начин и организација за негово собирање. Општината во соработка со Пакомак, има поставено контејнери за сепарирање на отпад и може да се докомплетираат со поставување на контејнер за текстилен отпад. Тој нагласи дека проблемот е првично во едукацијата и од таму треба да се започне, преку континуирани едукативни настани за подигање на свеста за заштита на животната средина и реупотреба на отпадот.

Свое излагање имаше и Кирил Нашков, сопственик на текстилна компанија и регистриран правен субјект за собирање на текстилен отпад, кој даде осврт кон административните процедури на кои наидуваат во целиот процес и придобивките од новиот Закон.

-“Го поздравувам овој закон и апелирам до надлежните органи дека единствен начин за наша мотивација е да го прогласат текстилниот отпад како материјал од нула или симболична вредност, за да можеме да го реупотребиме, а со самото тоа и да обезбедиме нови работни места, чиста животна средина, поздрав и поквалитетен живот.

Во рамките на настанот се проследија видео содржини од проектните активности, презентација на уникатни експонати од отпад, изработени во текот на проектот и завршен креативен моден детски перфоманс, модериран од Сања Ристески, доктор по технички науки од областа на науката и технологијата за текстил, при катедрата за дизајн на текстил и облека при ТТФ-УГД,. Допринос во целиот циклус имаа и студентите од Технолошко-техничкиот факултет, од универзитетот Гоце Делчев-Штип и останатиот стручен кадар од истиот.

Кратките видеа со упатства за постапување по одредбите и промоција на законот, тренинг центарот и проектните активности се достапни на електронските канали на ФРЛЗ (www.frlz.org.mk; You tube, www.recikliraj.mk ).

Овој настан е дел од проектот проектот „4 Р (редуцирај, рециклирај, реупотреби и пренамени) Социјална инклузија преку кружна економија ” , имплементиран од Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип, а финансиски поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.

Доколку не сте ја проследиле панел дискусијата, истата е достапна на следниот линк.

Last modified: 25.11.2022