Прва форумска сесија во Штип

20.06.2013

Прва Форумска сесија оддржана во ОУ Тошо Арсов

Штипјани го искусија моделот на партиципативно вклучување на граѓаните.

Се оддржа првата форумска сесија од програмата „Форуми во заедницата” која годинава ќе се спроведува и во општина Штип. Граѓаните како приоритетна тема го поставија образованието.

Принципот на дискусија на темите битни за граѓаните на заедницата се одвива преку т.н работни маси на кои тие ги застапуваат и елаборираат своите интереси. Граѓаните на овој начин активно се вклучуваат со давање на идеи и предлози. Така учесниците на форумите, со директното граѓанско вклучување на почетокот формираат неформални а потоа и формални партнерства.

На првата форумска сесија во Штип оддржана во ОУ „Тошо Арсов” присуствуваа голем број заинтересирани граѓани, претставници на институциите и граѓански организации. На форумот краток говор имаше и градоначалникот кој најави безрезервна подршка во целиот процес. Претставниците на граѓанските и младинските организации од Штип формираа „работна маса” која ќе ги застапува перспективите на неформалното образование во општината.

Инаку, програмата „Форуми во заедницата” има за цел да го поддржи процесот на децентрализација во Република Македонија и да им овозможи на граѓаните да учествуваат во развојот на локалната заедница. Граѓаните преку програмата имаат можност да си го подобрат секојдневниот живот со сопствени идеи и учество а администрацијата да развие локално управување преку учество, доверба и одговорност.

Во тек е третиот циклус на „Форуми во заедницата” кој е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC). Учеството на општина Штип во реализацијата на овој циклус е 2.400.000 денари и уште толку донира SDC.

Last modified: 06.04.2017