ЕКТС (не) е клучен елемент за квалитетот на универзитетската настава

26.01.2012

 

Јавната дебата на тема: „ЕКТС (не) е клучен елемент за квалитетот на универзитетската настава” се одржа на 24.12.2011 во х.Оаза во организација на вербал клубот основан со проектот „Младинска независност“ .

Цел на дебатата е младите да дадат свој придонес во зголемувањето на квалитетот на образованието преку дискусија за недостатоците во наставата и давање препораки за нивно елиминирање, како и да се мотивираат активно да учествуваат во подобрување на имплементацијата на ЕКТ системот.

На дебатата говореа дебатерите активирани во вербал клубот, претставникот на Младински образовен форум и претставникот на Универзитетот Гоце Делчев. Во дискусијата подоцна се вклучија и присутните претставници на младински организации и студенти.IMG_2716

Афирмативниот тим ја потврди тезата дека токму ЕКТС е клучниот елемент кој го унапредува квалитетот на нашиот образовен систем, дека со него се создадени услови за мобилност на студентите, унификација на остварените резултати при студирањето како и дека за наводната неинформираност на студентите за неговата практична употреба не се виновни институциите туку е плод на незаинтересираноста на самите студенти.

Негативниот тим пак произлезе со ставови дека клучниот проблем е всушност неинформираноста на студентите за системот, неможноста да се информираат за деталите, не постојат публикации или било какви форми на информирање а институциите воопшто не помагаат во тоа. Друг аргумент во врска со имплементацијата на ЕКТС беше дека е оставено на универзитетскиот кадар поединечно да го толкува и импплементира системот.

Проф.д-р Кирил Барбареев од УГД  истакна дека впрочем самиот процес на унапредување на квалитетот на образованието и ЕКТС како алатка за тоа е жив и динамичен процес на кој треба постојано да се работи, да се надградува во соработка со институциите, со младинските организации кои даваат допринос во таа сфера и секако со самите студенти. Се повика на бенефитите кои ги нуди ЕКТС, а како најважни ги издвои мобилноста на студентите и кадарот, што преку размената на искуства и на научната мисла резултира со зголување на квалитетот на студиите. Ги потенцира и достигнувањата на УГД иако најмлад државен универзитет да воведе современи наставни методи и помагала, постојано технички ги унапредува лабараториите и институтите, па дури и е пионер во РМ во воведување на инвентивни алатки кака електронскиот индекс, електронско пријавување на испити, постојано ажурирање на веб сервисот, студентското радио а во тек е организирање и на студентска телевизија.

Претставникот од МОФ, Атанас Димитров, пренесувајќи ги ставовите и искуството на својата организација се повика на искуството кое го има МОФ на темата, особено при изработката на брошурата на тема „ЕКТС-реалност или илузија во високото образование”. Според истражувањето на кое се повика говорникот, студентските парламенти на матичните факултети при УКИМ не ја следат доволно имплементацијата на ЕКТС при УКИМ, добар дел од факултетите немаат тематски единици од европски компаративни содржини, незабележителен е бројот на ЕКТС канцеларии на факултетите и никакви примери на практична соработка на универзитетите и стопанството.

Дебатата помина во пријатна атмосфера, заклучокот беше заеднички да се пристапи во подобрувањето на условите за студирање и секој да даде придонес во решавањето на сите наведени аномалии на образовниот систем.

Last modified: 06.04.2017