Кратка анализа (policy brief)

02.07.2014

КАДЕ СЕ ПАРИТЕ ЗА ЗДРУЖЕНИЈАТА?

Во периодот јануари – март 2014 година, Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип, Центарот за одржлив развој на заедницата – Дебар, Центарот за развој на заедницата – Кичево и Младинскиот културен центар – Битола, истражуваа каде се парите наменети за здруженијата од буџетската ставка – Трансфер до НВО од општинските буџети. Истражувањето се реализираше преку собирање на податоци за распределба на средствата за здруженијата од општините за 2012 и 2013 година во 15 општини во Република Македонија:

Штип, Карбинци, Кочани, Чешиново – Облешево, Кичево (заедно со придадените општини Зајас, Осломеј, Другово, Вранештица), Пласница, Македонски Брод, Дебар, Маврово – Ростуше, Центар Жупа, Струга, Битола, Могила, Новаци, Демир Хисар.

Сите податоци се презентирани во „Анализата на практиките за распределба на средствата за здруженија од општинските буџети во регионите Штип, Кичево, Дебар и Битола” .

Зошто анализиравме?

Сите наведени општини во своите годишни буџети имаат средства наменети за активности за здруженија. Од завршните сметки на општините се гледа колку од ставката било потрошено – споредено со првично планираното, во апсолутни бројки, но отсуствува информацијата на кого, колку, како и за кои активности се доделени средствата. Во ниту една од овие општини не постои анализа за тоа дали, колку и како овие средства се доделуваат, како се трошат и како се известува за нив. Не постои анализа колку од овие средства се доделуваат на здруженијата, а колку на индивидуалци или неформални групи, како и за тоа колкав процент од буџетите на општините одат за здруженија, за какви активности и на кои здруженија од ставката за трансфери до здруженијата и од сите ставки воопшто.

Анализата покажа дека:

• постои разлика помеѓу планираните средства и реалните трансфери до здруженијата, односно општините оваа буџетска ставка ја чуваат како осигурување со кое се покриваат други трошоци и при првиот ребаланс на буџетот оваа ставка секогаш се намалува. Ова може да се види од завршните сметки на општините.

• интересот на општините за соработка со здруженијата околу важни прашања кои се однесуваат на подобрување на условите за живот во општината сè уште не е на задоволително ниво и здруженијата не се категоризираат како значајни актери и долгорочни партнери во процесот на развојот на заедницата од страна на Единиците на локалната самоуправа. Малите грантови, кои ги доделуваат општините, покажува дека општините доделуваат средства за поддршка на здруженијата за краткорочни активности или поддршка за одреден настан или акција и немаат стратешка определба за долгорочна соработка.

• со промената на составот на избраните советници и градоначалници во 2013 година се намалува и ставката – Трансфер до НВО, што покажува дека поддршката за здруженијата од општинскиот буџет не е приоритет на новоизбраните власти, ниту, пак, предизвик за зголемување на ставката и унапредување на соработката со граѓанскиот сектор во заедницата.

• иако повеќето општини доделуваат средства од ставката Трансфер до НВО за покривање на оперативни трошоци на здруженија кои делуваат локално и се со специфични цели и задачи, сепак нема најава за развивање на методологија за трансфер на надлежности.

• Различните процедури и механизми за доделување на финансиска поддршка на здруженијата од општинските буџети, помеѓу различни општини покажува отсуство на единствен, односно стратешко-плански пристап кон развојот и одржливоста на здруженијата од страна на локалните власти. Добрите практики за зголемување на транспарентноста и отчетноста на општините при распределба на средства за поддршка на здруженијата не се усвоени во повеќе од половината општини кои се вклучени во анализата.

• значаен дел од општинската ставка Трансфер до НВО е трансфериран на локални спортски клубови. На ваков начин јавноста добива погрешна слика за износот на средства кои реално се трансферираат до здруженијата, а кој е значително помал во однос на износот со кој се поддржуваат локалните спортски клубови.

Предлог активности:

• Претставниците на здруженијата активно да се залагаат за зголемување на износот на буџетската ставка – Трансфер до НВО од општинските буџети преку остварување на директни средби со општинските советници кои ја имаат моќта да одлучуваат по ова прашање;

• Дистрибуција на информации за активностите и резултатите кои здруженијата ги постигнуваат за подобрување на квалитетот на животот во заедницата;

• Организирање на средби помеѓу претставници од локалната власт и здруженијата за дефинирање на областите за конкретна соработка;

• Конструктивно вклучување на претставници од здруженија во процесот на подготовка на стратешки документи и акциони планови преку консултативни средби;

• Доследно почитување на препораките на здруженијата во однос на воспоставување на програма и правилник за финансирање на здруженија со јасно утврдени приоритети; развивање на јасна методологија за распределба на средствата за поддршка на здруженијата (развивање на критериуми и процедури за распределба на средствата) преку консултативни средби со претставници на здруженијата;

• Реализирање на заеднички иницијативи и акции за унапредување на развојот на заедницата помеѓу здруженијата и локалните институции;

• Искористување на заедничките ресурси на здруженијата и локалните институции (искуство, знаење, логистичка поддршка итн.) во правец на развојот на локалната заедница.

Last modified: 06.04.2017