Форуми во заедницитe

23.01.2017

Швајцарската Агенција за развој и соработка (SDC), Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИИОМ), Центарот за институционален развој (ЦИРа), МЦМС, Алка и АДИ ја реализираат програмата Форуми во заедниците во општините Кочани, Ново Село, Берово, Свети Николе, Битола, Ресен, Долнени и Сарај.

Општините се селектирани врз основа на искажан интерес за учество во програмата и студија за оправданост изработена од Швајцарската Агенција за развој и соработка. Форумите во Кочани и Ново Село ги спроведува ФИООМ (Фондација Институт отворено општество – Македонија), во Берово и Свети Николе – ЦИРа, во Битола и Ресен МЦМС, во Долнени – Алка и во Сарај АДИ.

Главната цел на програмата е да се поддржи партиципативниот развој на заедниците на локално ниво. Форумот претставува платформа за развој 1) за граѓаните да го подобрат сопствениот живот со сопствените идеи и учество и 2) за администрацијата да развие партиципативно и одговорно локално владеење на коешто ќе му се верува.

Форматот на форумите во Македонија ги следи контурите на граѓанските форуми организирани од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка во Бугарија, како и искуството од имплементација на програмата во Македонија од септември 2006 до денес (вклучени општини: Прилеп, Кичево, Горче Петров, Дебар, Чаир, Карбинци, Струмица и Чашка.

Конкретните цели на програмата форуми се:

  • Да ги вклучи граѓаните во локалното владеење. Тоа се постигнува преку учество на локалните засегнати страни и обичните граѓани во развивањето на проектите и давањето препораки, а подоцна и во спроведувањето во рамките на финансиската поддршка обезбедена од SDC и општините кои учествуваат во проектот.
  • Создавање на партнерства меѓу локалните засегнати страни. При развивањето на препораки и проектни идеи граѓаните и засегнатите страни меѓусебе воспоставуваат неформални коалиции, кои подоцна може да се институционализираат во невладини организации или други формални тела на локално партнерство.
  • Подобрување на капацитетот на локалната заедница за развивање проекти. Учествувајќи во разработувањето на проектните идеи општинската администрација (ОА) развива вештини и стекнува знаења. Во фазата на спроведување ОА развива практичен капацитет во поглед на проектите. Посебно е важно што тоа најчесто е капацитет за „партнерство“ бидејќи проектот ја зближува ОА со другите засегнати страни.
  • Подобрување на капацитетот на локалната администрација во однос на децентрализацијата. Учествувајќи во проекти и одговарајќи на препораките ОА практично ги спроведува своите нови одговорности поврзани со процесот на децентрализација.
  • Конкретно подобрување на локалната социоекономска средина. Конкретните резултати од финансираните проекти не ги претставуваат директните цели на приодот во којшто се користат ФОРУМИ. Меѓутоа, овие практични резултати честопати ја создаваат водечката мотивација кај граѓаните тие да учествуваат на ФОРУМОТ.

По завршувањето на форумските сесии е предвидена реализација на проектите кои ќе произлезат од сесиите, со поддршка на Швајцарската Агенција за развој и соработка и учество на секоја од осумте општини и учество на спроведувачот на проектот со минимум 10% од вкупниот буџет на проектите.

Активности:

  • Процесот на ФОРУМОТ е составен од три главни фази. Првата фаза го конституира ФОРУМОТ. Втората ги вклучува учесниците во форумот во најмногу десет (10) структурирани дискусии во кои ќе се создаваат проектни идеи и препораки. Третата фаза е практичното спроведување на избраните проекти.
  • Фаза на воспоставување опфаќа потпишување на договор меѓу Швајцарската агенција за развој и соработка и општините. Во нацрт-договорите подготвени од страна на SDC ќе биде вклучена финансиската обврска на предметните општини за кофинансирање на проектите и процесот на ФОРУМОТ. Се поттикнуваат општините да конкурираат во партнерство со локални организации (невладини организации, јавни институции).

Фазата на сесии се состои од седум (7) ФОРУМСКИ сесии:

  • Прва сесија. Првата сесија завршува со структурата на форумот (работни маси), кодекс на работа, договорени теми, агенда на форумските сесии.
  • Од втора до шестта сесија е процесот на ФОРУМСКИ дискусии што започнува со експертски инпут и/или преглед – минува низ фазата на артикулирање на конкретни прашања и проблеми за да дојде до проектни идеи и препораки за соочување со тие проблеми.
  • Работа меѓу две сесии. Проектните идеи и препораки дополнително се разработуваат и формализираат за време на работните средби меѓу две сесии. Нив ги одржуваат учесниците на ФОРУМОТ (работните групи) избрани за време на ФОРУМСКИТЕ сесии и обично се составени од претставници на заинтересираните работни маси (засегнати страни). Надворешни локални експерти (доколку е потребно) се вклучуваат како поддршка на работните групи. Работните групи даваат повратни информации на ФОРУМСКИТЕ сесии. Ако е потребно се организираат мини ФОРУМСКИ сесии за вклучување на конкретна поширока јавност (професионални или општествени групи) за да се дискутира за конкретна подтема на ФОРУМОТ. На сите ФОРУМСКИ сесии и сите настани меѓу две сесии се води записиник.
  • Активности за публицитет. Секој ФОРУМ објавува билтен на ФОРУМОТ кој се дистрибуира во општината, за да се информира пошироката јавност за животот на ФОРУМОТ. Во активностите за публицитет влегуваат интервјуа, огласи во медиумите, интервјуа со клучи учесници во ФОРУМОТ, рекламирање на ФОРУМСКИТЕ настани на отворено.
  • Завршна седма сесија. На завршната (7-та) ФОРУМСКА сесија се избираат проектите што ќе се финансираат во рамки на средствата на проектот што се на располагање.
  • Последователна сесија. По спроведувањето на избраните проекти се спроведува една последователна сесија, за да се информираат учесниците на форумот за резултатите и препораките од спроведените проекти.

Критериуми за одобрување на проекти:

ФОРУМОТ го врши изборот на проекти што ќе бидат финансирани и спроведени, следејќи ги правилата и критериумите претходно договорени од страна на учесниците. Се препорачува за критериуми на ФОРУМ проектите во Македонија да бидат следниве:

  • Проектите се релевантни на избраните теми.
  • Проектите создаваат партнерства меѓу организациите/граѓаните.
  • Проектите завршуваат со мерливи, практични и видливи резултати.
  • Проектите имаат значителен и широк општествен ефект или се осврнуваат на важен проблем на етничка или маргинализирана група.
  • Проектите ќе бидат одржливи и по завршувањето на финаснирањето од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка (ќе продолжи да функционира и откако ќе прекине финансирањето).
  • Проектите придонесуваат за процесот на децентрализација и одговорноста/отчетноста на општинската администрација за финансиското управување.
  • Проектите се сензитивни на етничките и родовите аспекти. Тие не ги делат етничките групи, поеднакво се осврнуваат на потребите и интересите и на жените и на мажите, и поттикнуваат учество на жените во спроведувањето на проектите.
  • Проектите се технички одобрени од Управниот комитет.

Теми на форумите:

Темите на ФОРУМОТ ги одредува општината што конкурирала и нејзините локални партнери и тие се внесуваат во договорите меѓу SDC и општините. ФОРУМОТ има најмногу три (3) теми. Општините мора да обезбедат доказ дека изборот на трите теми се заснова на партиципативен процес во којшто биле вклучени и жените и мажите, како и етничките малцинства.

Темите на ФОРУМИТЕ ќе ги исполнуваат следниве критериуми:

  • Темите се важни за целата заедница, за сите етнички групи и за женските и машките припадници на заедницата.
  • Темите се дефинирани преку конкретни проблеми што може да се решат на локално ниво.
  • Темите се поврзани со градењето на капацитет за децентрализација.
  • Темите генерираат различни мислења околу решението.
  • Темите ги избираат засегнатите страни преку партиципативен процес (потврден со докази).

Структура на ФОРУМОТ:

  • Вообичаено, ФОРУМОТ го сочинуваат десет работни маси, секоја составена од пет до осум учесници. Работните маси ги претставуваат различните социо-економски интереси и гледишта на заедницата. Работните маси ги структурираат дискусиите на форумот и го дефинираат изборот на проектите. Сите маси имаат еднакви права и ,,тежина,, при изборот на проекти. Меѓутоа, од модераторот се очекува да им даде приоритет на масите на ,,граѓаните“ и ,,бизнисите,, а не на ,,администрацијатата,, или ,,институционалните,,.
  • Последниве, обично, ги примаат препораките, иако и тие може да даваат препораки (на пример до невладините организации или до државни институции).
  • При конституирањето на масите од страна на ФОРУМОТ, следниве препораки ќе се земат предвид:
  • Жените ќе бидат претставени со не помалку од 40% во форумските маси.
    Етничките малцинства ќе бидат дел од работните маси според нивните социо-економски интереси. Поради тоа, ќе се избегнат чисто етнички работни маси.
    Невладините организации ќе учествуваат на теми поврзани со нивните теренски активности, наместо да се формираат посебни НВО маси.

ФОРУМИТЕ обично се составени од 8 до 10 работни маси, од коишто ,,резервирани,, се следниве:

  • Масата на Советот на општината
  • Слободна маса (за граѓани кои не го нашле својот социо-економски интерес во другите маси)
  • Масата на оперативната група (којашто не учествува во дискусиите и во изборот на проекти).

Времени работни групи се формираат за работата во периодот меѓу две сесии. Тие подготвуваат информации за темата за којашто ќе се дискутира, собираат повратни информации од социјалните или професионалните групи и ги развиваат проектните идеи во проекти.

Крајни резултати:

Секој од четирите форуми ќе заврши со следниве мерливи резултати:

  • 7 сесии реализирани така што меѓу две последователни сесии одржана е најмалку една работна средба;
  • Значителен број претставници на локалната заедница на форумските сесии (најмалку 100 учесници);
  • Постигнати се добро структурирани и квалитетни дискусии од аспект на значителното време поминато во експертски инпут, проектни идеи и препораки;
  • Реализирани настани за публицитет и мерливи активности за односи со јавноста во заедницата;
  • Воспоставени неформали и институционализирани партнерства меѓу локалните засегнати страни;
  • Развиени најразлични проектни идеи;
  • Препораки доставени до општинските власти и земени предвид од страна на општинските власти;
  • Спроведени одржливи проекти со видлив социо-економски ефект во заедницата.

Last modified: 08.02.2017