Завршна конференција- „Финансирање на граѓанските организации од општинските буџети“

28.06.2019

На 26.06.2019 година во Воденица Мулино, во Скопје се одржа Завршна конференција од проектот „Силни граѓански организации за позитивни социјални промени“.

На конференцијата беа презентирани клучните наоди од проектот, како и промените кои проектот ги направи во периодот на спроведување, со посебен фокус на поддршката на граѓанските организации од општинските буџети. Борис Шарковски програмски директор на Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип и координатор на проектот истакна дека од проектот се произлезени конкретни препораки и предлог – решенија за подобрување на постоечките механизми за финансирање на граѓанските организации од општинските буџети.

Градоначалникот на Крива Паланка, г-динот Борјанчо Мицевски, во своето излагање истакна дека по однапред утврдена методологија, која ја разработиле како резултат на овој проект, веќе втора година распишуваат јавен повик за финансирање на граѓански организации и се доделуваат средства за истите. Тој истакна, дека во изминатиот период имаат зголемена соработка со граѓанските организации со еден вид на партнерско работење. Како препорака и за останатите општини, г-нот Мицевски, ја посочи онлајн платформата, како одлична алатка за комуникација и собирање информации од граѓаните, која ја имаат воспоставено заедно со општината.

Г-ѓа Ели Чакар од Министерството за локална самоуправа, нагласи дека соработката на институциите со организациите е зголемена, но дека сеуште треба да се работи. Во однос на финансиската поддршка, истакна дека минатата година при доделување на средства кај дел од Министерствата е забележано дека некои од постапките не биле целосно разработени, а доделени се средства на граѓански организации од страна на локалната власт и повеќе Министерства. Препорача да се работи на зголемување на транспарентноста и утврдување на јасни критериуми за финансирање на граѓанските организации. Исто така, посочи и дека граѓанските организации треба да дадат поголем придонес кон работата на институциите и особено локалните власти, со ставање на располагање на својата експертиза и знаење и трансфер на надлежности од локалната власт на граѓанските организации. Според неа во граѓанските организации лежи голем потенцијал и треба да се користи.

Свое излагање имаше и Г-ѓа Ардита Дема Мехети. Таа нагласи дека подготовката на методологиите за доделување на средства на граѓански организации преку проектот „Силни граѓански организации за позитивни социјални промени“ се одличен механизам и треба да се сподели и со општините кои не биле дел од проектот. Изрази интерес ЗЕЛС да ги сподели добрите практики и да им посочи и на останатите општини да креираат ваков тип на методологии. Таа напомена дека ЗЕЛС, се со цел унапредување на работата на општинската администрација, самите ги детектираат нивните слабости во работењето секоја година и според тоа планираат и спроведуваат обуки за општинската администрација на соодветно одредени теми и области. Нагласи дека ЗЕЛС е отоврен за идни соработки со граѓанските организации.

Г-дин Герман Филков од Центар за граѓански комуникации посочи дека им биле потребни околу 3 месеци за собирање на податоци, за истражување во 2016 во однос на поддршката на граѓанските организации од општините, што зборува за (не)достапноста на информации од јавен карактер и транспарентноста. Уште една работа на којашто смета дека треба да се стави акцент е недостатокот од соодветно планирање и усогласување на поддршката со приоритетите на локалните заедници бидејќи во сите општини има големи разлики помеѓу приоритетните области на граѓаните од една страна и приоритетните области што ги поддржуваат општините преку ставката 463 – Трансфер до НВО. Покрај тоа, тој смета и дека ваквата ставка е премногу широка, опфаќа трансфери до правни лица, а во неколку случаи е детектирано и трансфери до приватни субјекти – акционерски друштва, приватни спортски клубови.

По дискусијата од панелистите, се отвори дискусија од присутните гости на конференцијата, која се одвиваше од критика кон граѓанските организации за поголем ангажман и влијание врз локалните власти, до критика за нетранспарентно доделување на средства од локалните власти, кратење на тие средства со ребалансот на буџетот и немање на соработка со општините.

Во текот на дискусијата се споделуваа практики, примери за добро и лошо менаџирање на поддршката од општините и насоки и препораки за подобрување на состојбите.

Ова се клучните заклучоци и препораки кои произлегоа од дискусијата:

  • Да се созададе единствен портал во којшто ќе се собираат податоци и информации за сите огласи, расположливи средства и поддршка за граѓанските организации
  • Да се создаде класификација на граѓанските организации според делокругот и областа на работење, за да се знае која организација што работи
  • Ставката 463 – Трансфер до НВО е премногу гломазна, содржи трансфери кои не се однесуваат до граѓанските организации и треба да се менува
  • Поддршката до граѓанските организации да не се крати, туку постепено да се зголемува и планираниот, но особено реализираниот буџет за поддршка
  • Општините да размислуваат и за институционална поддршка на работата на граѓанските организации, но и за поддршка во смисла на обезбедување на простор за работа, режиски трошоци и сл.
  • Да се поттикне децентрализацијата и да се делегираат надлежности од општината на граѓански организации кои имаат експертиза и капацитет да ја завршат работата
  • Да се стимулира соработка и размена на позитивни практики помеѓу општините меѓусебно, но и помеѓу граѓанските организации и општините
  • Да се прави мониторинг и евалуација на ефектите од доделната финансиска поддршка на граѓанските организации.

Конференцијата „Финансирање на граѓанските организации од општинските буџети“ беше организирана и одржана од Фондацијата за развој на локалната заедница Штип, во партнерство со Алка и ИРЗ во рамки на проектот „Силни граѓански организации за позитивни социјални промени“ а овој проект е поддржан од Европската Унија.

Last modified: 12.09.2019